Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска не го посети мавзолејот на неговите претходници, како што досега беше вообичаено на денот кога се прославува годишнината од основањето на владејачката Корејска работничка партија, што дополнително ги зголеми шпекулациите дека неговата здравствена состојба е влошена, јави ДПА.
Триесетгодишниот Ким, изминатите години на полноќ на 9 спроти 10 октомври ги посетуваше гробовите на татко му Ким Џонг-ил и дедо му Ким Ил-сунг, кој е основач на Северна Кореја, за што беше известувано неколку часа подоцна.
Денеска, кога се одбележува 69-та годишнина од формирањето на партијата, сепак не беше објавена таква официјална информација, а во веста на државната новинска агенција КЦТА за високите функцинери, кои го посетиле мавзолејот, го нема името на Ким-Џонг-ун.
Отсуството на Ким од јавните настани ги поттикна гласините дека тој или има влошена здравствена состојба или е отстранет од власта.
Извор близок до севернокорејското раководство изјави дека Ким останува на чело на државата, но оти истегнал лигамент на ногата, додека учествувал во воена вежба. Според истиот извор, тоа се случило кон крајот на август или почетокот на септември.