Судскиот Совет на денешната седница донесе одлука за суспендирање на судиите кои беа приведени во вчерашната полициска акција „Jустиција“, до завршување на правосилноста на постапката.
– Судскиот совет се произнесе за мерката „забрана за преземање определени активности поврзани со работното место“ и притоа согласно законот донесе одлука за „времено оддалечување на деветмината судии од вршењето на судска функција“, изјави по седницата претседателката на Судскиот совет на Република Македонија Александра Зафировска.
Состојбите во прекршочните оддели, како што рече, беа тема на работа на Судскиот совет веќе неколку години, со оглед дека имало сознанија дека голем дел од прекршочните предмети беа застарувани заради што презедовме акција и вршевме контрола во секој суд.
– Оваа акција се вроди со плод затоа што имавме намалување на предмети кои застаруваат во останатите судови во државата, но ваквата состојба не се одрази и во Одделот за прекршоци во Основниот суд Скопје 1, каде и понатаму имаше голем број предмети кои застаруваа, рече Зафровска.
Во Годишниот извештај за работа на Судскиот совет, како што истакна, е наведено дека во 2012 и 2013 година најголем дел од прекршочните судии во Основниот суд Скопје 1 беа оценети со негативни оценки.
Зафировска додаде дека претседателот на Основниот суд Скопје 1 направил внатрешна контрола во Одделот за прекршоци и додаде дека откривањето на ваквата состојба е и негова заслуга.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали некој од судиите се повикал на имунитет, Зафировска рече дека досега немаат такво известување.
– Ако имаме во текот на денов СС во рамки на својата надлежност е должен да се произнесе и на тоа барање, рече Зафировска.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Скопје во рамки на вчерашната акција „Јустиција“ поднесе кривична пријава против 14 судии од Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје 1 и против 11 судски службеници од истиот Суд осомничени за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавените во својство на судечки судии во текот на 2012 и во првото тримесечје од 2013 година заедно со останатите пријавени во својство на тужбени лица кои работеле со нив, постапувајќи по над 8 илјади прекршочни предмети кои се примени во Судот во текот на 2010 година нанеле штета со неизвршување на службената должност на Буџетот на РМ од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал.