Децата од градинката „Кочо Рацин“ ја пресекоа црвената лента заедно со градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски и официјално го означија почетокот на градежните работи за изградба на нивната нова градинка.
Прв пат по 40 години, во општина Центар денеска беше означен почетокот на изградбата на нова градинка.
Старата, дотраена и нефункционална градинка, со мали простории и без неопходните услови на децата, замина во историјата.
“Градинката е целосно финансирана од општина Центар. Посебна благодарност до градоначалникот Андреј Жерновски, советниците и сите оние кои придонесоа да се реализира овој проект за да можат овие најмали душички да престојуваат во убава и современа градинка. Ова е најисплатлива инвестиција“, изјави директорката на градинката Кочо Рацин, Елеонора Ангелеска.
Новиот современ објект, рече градоначалникот Андреј Жерновски, ќе се гради на местото на дотраените бараки, кои имаат азбестни радиоактивни ѕидови, руинирани подови, искршена опрема и кујна која одамна го отслужи своето.
Новиот објект е на бруто површина од 2677 м2 и нето површина од 2155 м2.
Градинката ќе може да прими 180 деца, ќе биде обезбедена звучна заштита меѓу просториите, а во изградбата ќе се користат современи градежни материјали.
Кујната ќе биде современа, според ХАСАП стандардите и ќе произведува 500 оброци дневно, за децата од матичната градинка и двата клона.
“Градинката ќе има енергетско ефикасна фасада, во дворот ќе има реквизити за играње, многу зеленило и цвеќе, нешто што е и заложба на општина Центар. Ова ќе биде најубавата градинка која ќе ги подигне критериумите за тоа во какви услови треба да растат нашите деца“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Децата од градинката и градоначалникот заедно ја пресекоа црвената лента, а вработените од Гранит го означија стартот на изградбата на новата градинка.