Поради одлуките на американскиот претседател Барак Обама, борбата против џихадистите на Исламска држава ќе биде тешка, а може да трае и триесетина години, наведе поранешниот американски министер за одбрана и некогашен директор на ЦИА, Леон Панета.
– Зборуваме за војна која може да трае и до триесет години и која може да ги загрози Либија, Нигерија, Сомалија и Јемен- изјави тој за „USA Today“.
Според него проблемот е последица на тоа што американскиот претседател не успеа да ја поттикне ирачката влада да дозволи задржување на контингент на американски војници во државата, по повлекувањето на трупите во 2011 година, оценувајќи дека тоа создало „празнина“ во безбедноста.
Инаку во петок во воздушните напади на три позиции на Исламска држава во близина на Мосул, според изјави на медицински извори и очевидци загинале најмалку 25 џихадисти.
Е. Г.