„Мерките на владата на Никола Груевски за болеста „Син јазик“ се задоцнети и не можат ни да ги ублажат последиците кои ги погодија сточарите.
Состојбата е алармантна. Досега се заболени околу 30.000 животни од кои дури 7.000 се угинати. Тоа се големи загуби.
Прскањето против инсектите – преносители на болеста е задоцнета мерка на владата. Во октомври, кога во вечерните часови падот на температурите природно го намалуваат бројот на инсекти, прскањето не дава резултат. Ефектот ќе беше вистински и ќе се спречеше ширењето доколку се рерагираше навреме, во летните месеци, веднаш кога се појави болеста.
И другите задоцнети мерки на Владата не се од голема помош на сточарите. Тие претрпеа огромни загуби како поради смртноста во стадата, така и поради забраните за движење, намалената продуктивност и трошоците за лечење.
Сточарите се оставени сами на себе. Владата на Груевски ги нема исплатено обврските кон сточарите за изминатите 2 години, за уништените заболени животни во изминатиот период.
СДСМ е меѓу сточарите и сака да помогне во надминувањето на оваа криза со болеста „Син јазик“. Арамиравме за сериозноста на ситуацијата и повикавме владата да превземе мерки.
Денес, повторно нудиме решение во интерес на сточарите:
- Владата итно да обезбеди средства кои ќе се користат за целосно сузбивање на болеста.
- Болните животни нештетно да се отстранат за што ќе се обезбеди надомест на сточарите. Како што е пракса во сите земји во Европа.
- Преболените животни, како резервоари на болеста, да се заколат, за што Владата ќе им обезбеди целосен надомест на сточарите.
- Субвенциите за поттикнување на сточарството да бидат навремени. Да бидат наменети и за мерки за здравствената заштита и зголемување на стадата кои се во постојан пад.
Власта мора да превземе одговорност и навреме да реагира. Без здрави животни нема здрава храна и здраво население а болестите како што се листериоза и салмонелоза се почесто ќе се појавуваат“, изјави Емилија Стоилова, советничка во Советот на Општина Карбинци.