Со несмален интензитет продолжуваат претпоставките околу гробницата во древниот Амфиполис, откриена неодамна во Грција, а еден научник смета дека таму е погребана Олимпија – мајката на Александар Велики, пишува весникот „Дејли мејл“, повикувајќи се на професор Ендрју Чак.
Според некои научници, присуството на женски статуи, на кариатидите – камените фигури, што ја изведуваат улогата на колони, покажува дека гробницата и припаѓа на жена.
Еден експерт отиде чекор подалеку, тврдејќи дека грчките археолози на крајот го откриле гробот на Олимпија – мајката на Александар.
Ендрју Чак, кој пред извесно време објави книга за славниот војсководец, тврди дека сфингите откриени пред влезот на гробницата во Амфиполис, се украсени на начин, сличен на оној откриен во гробниците на две македонски царици, а меѓу нив и на бабата на Александар Велики.
Професорот, исто така, објаснува дека сфингите се слични на откриените во платото Сакара.во близина на Каиро, каде се смета дека се наоѓа првиот гроб на Александар Велики. Се претпоставува дека неговите останки биле пренесени на друго место по неговата смрт.
Според написот, гробницата датира меѓу 325 и 300 година пред Христа, што значи дека таа може да е изградена за време на владеењето на Александар Велики.
Грчките археолози веќе навлегле во третата комора од гробницата, а нивните откритија се очекуваат во текот на следниот месец, пишува уште „Дејли мејл“.