Папата Франциско денеска го отвори вонредниот Синод, на кој учествуваат повеќе од 200 бискупи од целиот свет, а на кој ќе се разговара за теми како што се семејството, бракот и разводот.
На собирот, кој ќе трае следните две недели, ќе биде преразгледано католичкото учење за семејството, што би можело да доведе до измени во ставот на црквата кон бракот, заедничкиот живот и разводот.
– Додека го отвараме Синодот посветен на семејството, да го замолиме Господ да ни го покаже патот напред, напиша поглаварот на Римокатоличката црква на социјалната мрежа Твитер.
Папата пред почетокот на собирот им се обрати на десетиците илјади верници на плоштадот „Свети Петар“ во Рим, повикувајќи ги учесниците на Синодот да „го слушнат ритмот на нашето време“ и модерното живеење.