НУ Завод и Музеј-Битола и друштвото за македонско-кинеско пријателство синоќа во битолската „Магаза“ ја промовираа изложбата „Кинески хороскоп“ на младата уметничка, сликарка и графичарка Татјана Манева.
Изложбата за отворена ја прогласи амбасадорот на НР Кина во Република Македонија Вен Џеншун кој нагласи дека културниот настан во Битола е составен дел на манифестациите што неговата држава ги посветува на националниот празник 65 години Народна Република Кина.
– Изложбата е прекрасна, содржи дела на една млада битолчанка која сликала на тема „Кинески хороскоп“ и која на мајсторски начин ги презентира карактеристиките и симболите на кинеската култура. Преку оваа изложба битолчани, но и другите македонски граѓани ќе дознаат и научат многу повеќе за Кина и за нејзините посебности. Но, она што исто сакам да го кажам дека односите меѓу Република Македонија и НР Кина во овој момент се историски најдобри, и ќе додадам еден од најголемите светски економски партнери, но не само во економијата, туку и во културата, образованието, науката и други сфери, посочи амбасадорот Џеншун.
На синоќешното отворање на изложбата „Кинески Хороскоп“ обраќање имаше и градоначалникот Владимир Талески кој нагласи дека соработката со НР Кина е потврдена и на локално ниво бидејќи Битола веќе воспоставила контакт со кинескиот град Нинбо, а делегација на тој град ќе престојува во Битола на 4 ноември, на денот на празникот на градот.
– Нашиот град е составен дел на убавите страници што ги пишуваат Република Македонија и Народна Република Кина. Оваа изложба доближува и зближува, а тие контакти ние ќе ги прошириме со нашите пријатели од кинескиот град Нинбо со кои наскоро, на 4-ти ноември ќе се сретнеме на денот на празникот на нашиот град, потврди Талески.
Татјана Манева синоќа во Битола ја приреди својата 26-та по ред авторска изложба, а најновите 12 дела на тема „Кинески хороскоп“ наскоро ќе ги промовира и во НР Кина.