Повеќе од 29.000 лица, претежно цивили се убиени во насилството во Сирија од почетокот на бунтот против режимот на претседателот Башар ал Асад кон средината на март минатата година, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.
Од избувнувањето на бунтот до 19 септември низ Сирија се убиени најмалку 20.755 цивили, 1.148 дезертери и 7.095 војници – изјави Рами Абдел Рахман, директор на Центарот, чие седиште е во Лондон, и кој располага со широка мрежа на активисти, адвокати и лекари од Сирија.
Тој додаде дека денеска се убиени уште најмалку 41 лице. Рахман напомена дека во оваа бројка се вклучени цивилите што водат вооружена борба против режимот, но не се вклучени и илјадниците цивили што биле уапсени без обвинение и за кои се претпоставува дека починале во затворите.
Има и стотици неидентификувани тела што се најдени во целата земја – нагласи првиот човек на Центарот. Според него, бројот на убиените војници е поголем од објавениот, бидејќи повеќето убиства на припадниците на сириската армија не се објавуваат. Според податоците на Обединетите нации, бројот на загинатите од почетокот на бунтот во Сирија изнесува 20.000 лица.