Причина поради која севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун повеќе недели не се појавува во јавноста е хируршката интервенција на зглобовите, пишуваат јужнокорејските весници.
Цитирајќи анонимен извор тие наведуваат дека во средината на минатиот месец Ким бил опериран, бидејќи се здобил со скршеници на глуждовите.
-Слушнав дека во јули го повредил скочниот зглоб на десната нога, но продолжил да оди на протоколарни посети и контроли. Не ја санирал повредата и на крај го повредил и зглобот на левата нога- вели извор за јужнокорејските медиуми и додава дека операцијата е извршена на клиниката „Bonghwa“, во која се лекуваат само високи партиски функционери.
Инаку последниве недели светските медиуми објавија голем број вести за судбината на севернокорејскиот лидер. Се претпоставуваше дека има гихт, дијабетис и висок крвен притисок. Минатата недела на кинеската социјална мрежа се појави информација според која маршал Џо Мајонг Рок, кој почина пред четири години всушност е жив и дека извршил државен удар и ја презел власта во Северна Кореја.
Е. Г.