Депозитите во банките во Македонија растат континуирано. Се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредниот период со годишна стапка на раст од 10 проценти.
Ова го изјави гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, кој денеска учествуваше на форумот на небанкарски финансиски институции кои прифаќаат јавни депозити организиран од Штедилницата ФУЛМ.
Тој додаде дека според последните податоци растот на депозитите е осум отсто.
– Македонија и во иднина може да задржи годишна стапка на раст на депозитите од 10 отсто, изјави Богов.
Според објавените податоци на НБРМ, годишната стапка на раст на вкупните депозити на крајот на јуни изнесува 8,3 отсто. На квартална основа вкупните депозити бележат раст од 1.153 милиони денари.
Од вкупните депозити, еден отсто се депозити во нефинансиски институции, кои во Македонија работат во моментов само со население и нудат услуги само на физички лица.
Штедилницата ДУЛМ има над 8.000 членови-штедачи со просечен штеден влог од 350 американски долари.
– Основна цел е да обезбедиме подобар пристап до финансиски услуги за секој граѓанин, рече директорката на ФУЛМ Елеонора Згоњанин-Петровиќ.
Таа додаде дека пред се обезбедуваат финансиски услуги на лица кои не можат да обезбедат кредит од банките.
Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн порача дека е важно да се има финансиски систем во кој ќе бидат вклучени и традиционалните банки, но и небанарските финансиски инстуции кој е создава здрава конкуренција за стекнување клиенти.
ФУЛМ е невладина организација, која е основач на штедилница, основана во 1995 година од УСАИД преку осумгодишен проект во вредност од 1,4 милиони долари, кој го спроведуваше Светскиот совет на кредитни униии.