Колку не чини хомофобијата?

Од:

Општеството губи поради одлив на мозоци на високообразовани и креативни поединци кои не можат да ги искажат своите способности во нашата средина оптоварена со предрасуси.

Припадниците на ЛГБТ популацијата, наспроти плаќањето на различни побарувања од страна на државата, истакнуваат дека немаат изедначен статус во општеството. Во општесто во кое е присутна дискриминација на ЛГБТ лицата се поставува прашање колку хомофобијата влијае на економијата?

Посебно е важно да се истакне дека општеството губи поради одлив на мозоци на високообразовани и креативни поединци кои не можат да ги искажат своите способности во нашата средина оптоварена со предрасуди. Поединците губат бидејќи не добиваат прилика да се искажат во согласност со своите можности, живеат во општество во кое им се скусени правата, здравствената заштита, а ако излезат во јавност наидуваат на нерамноправен однос при вработување.

Во БиХ состојбата за сите граѓани е многу тешка, високообразовани кадри не се во можност да најдат соодветно или било какво вработување, заминуваат од земјата во потрага за среќа и подобар живот. А ЛГБТ лицата често имаат и дополнителни проблеми при наоѓање на работа и кога ќе ја најдат секој ден се борат да не ја изгубат поради стигмата која е сеприсутна.

СЗО: Ограничен пристап на здравствените институции

Да потсетиме дека Светската здравствена организација на 17 мај 1990 година ја симна хомосексуалноста од листата на болести, а во април 2011 година Маргатер Чан, директор на оваа организација рече дека тоа бил важен чекор напред. – Сепак, повеќе од 20 години од тогаш стигмата и дискриминацијата на хомосексуалците се уште постои, а тоа може да доведе до ограничен пристап на здравствените институции и пропуштени цели на здравствените програми.

Тројно влијание на хомофобијата на економијата

Според истражувањето кое го спроведе Светска банка утврдено е дека хомофобијата влијае на индиското стопанство во износ од 30,8 милијарди долари секоја година. Секако, влијанието на хомофобијата не се врзува само за оваа земја, туку таа се простира во цел свет.

М. В. Ли Баџет, економист на Инситутот Вилијамс во Калифорнија и автор на оваа студија смета дека влијанието на хомофобијата на економијата е тројно. Хомофобијата влијае на работното место, т.е. дискриминацијата може да доведе до пониски плати за ЛГБТ лицата што резултира со помали даночни издвојувања и приходи од страна на владата.

Според ова истражување хомофобијата влијае на сиромаштијата, т.е. на нејзино зголемување на стапката, а поради ниското ниво на приходи на ЛГБТ лицата државата мора да плаќа за социјалните програми. Третото влијание се однесува на здравството, влијае на зголемување на депресијата, доведува до самоубиства, а државата мора повеќе да издвојува за трошоци за здравствена нега.

Предраг Радосављевиќ, шеф на Одделението за елиминација на сите облици на дискриминација во Институцијата Омбудсман за човекови права во БиХ, рече дека положбата на припадниците на ЛГБТ популацијата е тешка, бидејќи општеството не е подготвено да ги прифати како рамноправни припадници на општеството.

– Хомофобијата може да доведе до губење на работа, дискриминација на работното место или во процесот на образованието, влошување на здравјето и сиромаштија. Дискриминацијата во образованието и на работното место за последица може да има пониски примања и пониска продуктивност на припадниците на ЛГБТ популацијата, што повторно доведува до пониска стапка на наплата на данок од страна на јавните органи. Зголемена стапка на сиромаштија поради ниските примања, бара поголеми издвојувања од јавните власти за социјалните давачки и програмите – рече Радосављевиќ за Бука.

Тој истакна дека влошувањето на здравствената состојба ЛГБТ популацијата може да доведе и до одлив на работно способното население, емиграција во други поотворени земји, како и до негативни општествени и економски последици по членовите на нивните семејства, кои исто така можат да бидат жртви на дискриминација. Конечно, земјите во кои се толерира хомофобијата, ги обесхрабрува туристите од другите земји да посетат или престојуваат во средини каде постои ризик да бидат изложени на дискриминација или насилство – вели Радосављевиќ.

Тој потенцира дека една од клучните активности на Институцијата Омбудсман е насочена на зголемување на свеста за нивните права и за постоење на механизам и институции кои пружаат заштита кога се загрозени на било кој начин.

– Носителите на јавните функции треба поотворено да истапат во заштита на правата на ЛГБТ популацијата, при поединечни инциденти, но и генерално, бидејќи живееме и понатаму во релативно конзервативно општество, во кое е присутно силно влијание на верските организации – заклучи Радосављевиќ.

Предраг Аздејковиќ, ЛГБТ активист од Србија вели дека концептот за розевиот долар, одамна постои и дека многумина сметаат дека во Америка се направил голем исчекор по прашањето за ЛГБТ правата, токму поради тоа што мнозинството сфати дека на тоа може добро да заработи.

– Геј венчавки, геј разводи, вештачко оплодување, сурогат мајки, геј туризам… Тоа се стотици и стотици милиони долари годишно. На пример да го земеме Келн, кој не е најголем град во Германија, но има најразвиена геј сцена. Е, сега замислете кога во Келн ќе се слеат десетици и стотина илјади ЛГБТ лица за геј парада или некој геј фестивал. На тоа заработуваат авиокомпаниите, хотелите, рестораните, кафулињата, дискотеките, бутиците… Во тоа сите го нашле својот интерес и на сите им е убаво. ЛГБТ лицата убаво си поминуваат, а останатите заработуваат на тоа – вели Аздејковиќ за Бука.

Тој истакнува дека Србија никогаш не знаела да ги дефинира своите интереси и дека најмногу сака да биде против целиот свет на сметка на своја штета, додека Хрватска, иако и таму состојбата не е совршена, одлично заработува на геј туризмот, кои секоја сезона најмногу го посетуваат Хвар.

– Она што мене посебно ме нервира е кога секој месец гледам сметка за пензиско и здравствено осигурување. Мојот партнер со кој сум во врска веќе пет години и кој не е во постојан работен однос, нема право да го користи моето здравствено осигурување, како што тоа има право сопруга на некој работник или сопруг на некоја работничка, но јас плаќам исто како и тие. Исто така, јас знам дека мојата пензија никој нема да може да ја наследи, додека сопругата на некој работник или сопругот на некоја работничка може да ја наследи, но јас плаќам исто како тие. Што значи дека мене државата ми закинува, бидејќи на хетеросексуалните лица им нуди повеќе права, но подеднакво ни зима пари. Секако, тука се и други поволности кои имаат парови од различен пол, како што се кредити и разни други субвенции – ни вели нашиот соговорник.

Тој додава дека проблем е што ЛГБТ лицата живеат со чувство дека насилството е можно во секој момент, како и дискриминацијата, шиканирањето и омаловажувањето кога јавно ќе се покаже ЛГБТ идентитет.

– Ние имаме закони кои ги штитат правата на ЛГБТ заедницата, но тие не се доволни. Исто така, на нас ни треба Закон за регистрирање на истополови партнери за да се дефинираат сите права од соживотот на две лица, од заеднички имот, до наследување… – вели Аздејковиќ.

Од земјите кои се полиберални и од БиХ, Србија или Хрватска, нашиот соговорник вели дека можеме да научиме да ги гледаме своите интереси.

– Полибералните земји сфатија дека во интерес им е да ги почитуваат правата на ЛГБТ популацијата, во економска или во секоја друга смисла. Она што постојано го забораваме е дека ЛГБТ лицаат имаат татко, мајка, брат, сестра, тетки, чичковци, пријатели… и кога некој ќе каже на ЛГБТ лице дека е болно и изопачено, тој не само што го навредил тоа лице, туку во исто време ги поддржува сите лица кои се во директен контакт со него – истакнува нашиот соговорник.

За да се подобри состојбата, тој вели дека пред се треба да се работи на достоинството на ЛГБТ лицата, бидејќи сите закони се залудни ако ЛГБТ лицата се уште живеат во општество каде постои закана со насилство, шиканирање и понижување.

– Ако живеете во општество каде многу станодавци ќе ве отфрлат ако дознаат дека во нивниот стан кој го изнајмувате живеете со партнер од ист пол, тогаш бадијала ви е закон кој ве штити кога вие мора да тужите… тогаш тука нема нормален живот, туку живот во криење, константен страв и борба против ветерници! Секако, многу ЛГБТ лица немаат време и енергија тоа да го чекаат, туку копаат со раце и нозе да побегнат од тука – вели Аздејковиќ.

Законите во БиХ се присутни, но…

Во публикацијата Правата на ЛГБТ лицата во БиХ – Судство, на авторите Амар Нумановиќ, Санела Мухамеровиќ и Златиборка Попов-Момчиновиќ, во издание на Фондацијата Хенрик Бол – Канцеларијата за БиХ, Фондацијата CURE и Сараевскиот отворен центар, стои дека ЛГБТ лицата и нивните права и слободи и понатаму се на маргините на општествените текови.

– Босна и Херцеговина функционира како општество на замрзнат конфликт и т.н. рестриктивен мултикултурализам каде грижливо се следат правата на конститутивните народи, додека останатите се газат, негираат или се сведуваат на политички флоскули низ фразеологија на политичка коректност која не доведува до никаков реален ефект. Иако во БиХ постои значајна законска регулатива, како што е Законот за рамноправност на половите во БиХ од 2003 година и Законот за забрана за дискриминација кој е донесен во 2009 година, законите повеќе индиректно или попатно се адресирани на ЛГБТ популацијата сметајќи дека, на рамноправноста на половите недостасува дефиницијата полова ориентација, која се забранува како основ за дискриминација – се истакнува во оваа публикација.

Се потенцира дека наспроти тоа законите претставуваат аналитичка и практична рамка од која може да се оди понатаму во усовршување, како самите закони така и праксата.

– Но, лицата надлежни за спроведување на законот, на пример судовите, не користат некои од можностите кои се дадени во законодавството, бидејќи доминира позитивен пристап и склоност кон реконструктивно толкување на законот. И понатаму, поради широко распространети предрасуди кон оваа популација, ширењето на овие рамки систематски се инхибира, а надлежните институции во менталитетот и генералните ставови кои владеат во БиХ често наоѓаат изговор и за сопствената недоволна запознатост и недоволниот ангажман во еднаквоправниот третман на ЛГБТ лицата – стои во оваа публикација.

Бука – Сараево

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски

Малолетник со нож упаднал во полициска станица во Босанска Крупа: Убил еден полицаец, а друг тешко ранил

Условна казна за скопјанец кој нападна припадник на ЛГБТ заедницата

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница