Британскиот премиер Дејвид Камерон се среќава денеска во резиденцијата Чекерс, што се наоѓа надвор од Лондон, со највисоките функционери на неговата Конзервативна партија, околу најавените планови за решавање на „англиското прашање“.
Станува збор за најавата по проширувањето на овластувањата за шкотскиот Парламент, британските пратеници од Шкотска да не може повеќе да гласаат за закони кои се однесуваат само за Англија. Најсилен пристисок за „англиското прашање“ вршат пратениците-конзервативци кои му се закануваат на својот партиски лидер Камерон, дека ќе гласаат против менување на законот за деволуција за Шкотска и зголемените овластувања за тамошниот Парламент, ако не се разреши и „англиското прашање“.
Лидерот на британските лабуристи, Ед Милибанд, меѓутоа, не се согласува со поврзувањето на шкотската деволуција со „англиското прашање“.
Милибанд, заедно со Камерон и лидерот на либералдемократите Ник Клег, непосредно пред референдумот за независност на Шкотска, со јавна декларација, соопштија дека Парламентот во Единбург ќе добие повеќе овластување, од оние што ги има сега, доколку шкотските гласачи го отфрлат отцепувањето од Велика Британија.
Ваквиот став трите главни британски партии го поддржуваа и порано, откако на почетокот од кампањата за референдумот, анкетите покажуваа дека дури две третини од гласчите повеќе сакаат зголемена деволуција, отколку целосна независност.
Денешниот „ториевски самит“ во Чекерс го осуди и заменик министерот за финансии, Дани Александар, кој е пратеник од изборната единица во шкотскиот Хајленд. Тој изјави дека средбата на конзервативните функционери со премоерот Камерон е „спротивна на трипартитниот договор“ за Шкотска.
Претставник на Даунинг стрит 10, изјави дека ништо не се менува и дека зголемувањето на овластувањата за шкотскиот Парламент ќе се изврши, без разлика дали ќе се постигне согласност за „англиското прашање“, односно за бараниот принцип-англиски глас, за англиски закони.