„Tесла конвој 2014“ и електричното возило Тесла Модел S во сопственост на Саша Цветојевиќ ќе пристигнат во Скопје денеска (19 септември 2014, петок) во 14.30ч во Општина Гази Баба, на плоштадот Филип II.
На иницијатива на Електромобилност Македонија во соработка со Машинскиот и Електротехничкиот факултет како и секторот за Екологија при град Скопје, училиштата во општина Карпош, општина Карпош и ЈП Градски паркинзи денеска со почеток од 11 часот на кампусот на електро-машински ќе биде организиран настан како тест околина.
Настанот е именуван „Електричен полигон“ како дел од глобалниот настан „Европска недела на мобилноста”, на која ќе земат учество 50-тина деца од две oсновни училишта. Во рамки на настанот ќе има едукативна сесија за електричните возила преку која младите ќе се запознаат со трендовите во мобилноста со осврт на свесноста за зачувување на животната средина.
Учениците ќе можат да ги возат возилата кои ќе бидат на полигонот-паркинг на кампусот како електрични велосипеди, електрични скутери и мали електрични возила. Електричниот полигон е предигра и пречек за Тесла конвојот 2014 чиј предводник ќе биде електричното возило Тесла С, возило кое ќе биде на кампусот на електро-машински после 15 часот, во кој тимот на НВО Електромобилност Македонија е локален партнер и ко-организатор на активностите на Конвојот низ Македонија. Конвојот тргнува од Загреб, преку Белград и Ниш, минува низ Македонија за преку Косово и Албанија и Црна гора да заокружи назад до Загреб.
На 20 септември 2014, Тесла конвојот 2014 ќе продефилира на градскиот плоштад во Скопје со почеток од 10:30 минути на кој ќе бидат изложени и други електрични и хибридни возила.