Книгоиздателството „Зојдер“ ја објави книгата есеи на Александар Прокопиев под наслов „Измислувајќи ја Европа – есеи за несводливото“.
Есеите од првиот дел на книгата – Мунстеровата ренесасна мапа на Европа, Фараонскиот комплекс на владетелите, Изопштените иноватори, Кафеаната, Филмократијата…, проистекуваат од предавањата на Прокопиев на постдипломците во Институтот за македонска книжевност.
Во вториот дел се поместени есеите за делата на Сервантес, Свифт, Вајлд, Ман, Калвино и Чехов, книжевниот мајстор кон чија литература Прокопиев негува посебен однос и во сопственото творештво.
Во предговорот на книгата, „Проникнувачки „флешови“ низ европската култура“ д-р Соња Стојменска – Елзесер ќе напише дека во најновата книга есеи на Александар Прокопиев уште еднаш потврдува дека во македонската средина постои изострен слух и капацитет за толкување и проследување на културолошките феномени, кои низ призмата на културната географија се поврзуваат со европскиот контекст…
– Есеите на Прокопиев ја покажуваат и убавината на мешањто на уметничкиот порив со научната рационалност, затоа што во сите нив огромниот фонд референци секогаш е стегнат во една конкретно стожерна мисла, односно авторски став, кој манифестира специфичен хуманистички ангажман, насочен кон актуелните состојби кај нас и во глобалниот свет, вели Стојменска – Елзесер.