Русија, Германија и Турција се против напад на екстремистите во Сирија

Од:

Руското Министерство за надворешни работи во четврток утврди дека воздушни напади на исламистичките милитанти во Сирија, без Советот за безбедност при ОН, би биле чин на агресија, пренесе „Интерфакс“, а Велика Британија и Германија објавија дека нема да учествуваат во воздушните напади.

-Американскиот претседател зборуваше за можноста од воздушни напади од американските воени сили врз позициите на Исламска држава во Сирија, без дозвола на нејзината легитимно избрана влада-рече портпаролот на министерството Александар Лукачевич и додаде дека таквиот потег, во момент кога не постои резолуција на Советот за безбедност, би бил чин на агресија и големо прекршување на меѓународното право.

Исто мислење изрази и сирискиот министер за национално помирување, Али Хаидар.

-Секаква акција која што би била преземена без одобрување на сириската влада, е чин на агресија над Сирија-рече тој и додаде дека мора да постои соработка и координација со Сирија, односно одобрување за секоја акција.

Франк Валтер Штајнмаер рече дека Германија не е повикана да се придружи на воздушните напади и дека нема да учествува во тоа.

-Да бидеме јасни, не сме повикани да го направиме тоа и нема да учестуваме-рече тој.

Министерот за надворешни работи на Британија, Филип Хамонд изјави дека неговата држава во потполност го поддржува американскиот пристап за потреба од воспоставување меѓународна коалиција против ИС.

Сепак на прашање на новинар за учество во воздушните напади, кои ги најави американскиот претседател Барак Обама, Хамонд одговори дека Велика Британија нема да учествува во нападите и дека нема да се враќаат на тема за која минатата година одлучувал парламентот.

Но портпаролот на британскиот премиер Дејвид Камерон, по изјавата на Хамонд рече дека Британците не ја исклучуваат можноста од учество во воена акција против ИС во Сирија.

Ниту Турција нема намера да учестувува во воздушните напади врз ИС, рече анонимен извор од турскиот парламент.

-Турција нема да учестувува во никаква воена операција, туку во потполност ќе се посвети на хуманитарни операции-рече изворот и нагласи дека државата нема да испраќа ниту свое оружје.

Е. Г.

Би можело да ве интересира

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Лавров го предупреди Западот да не се бори до победа со нуклеарна сила

Горан Наумовски

Русија за атентатот на шефот на Хезболах: Уште едно политичко убиство

Шест лица загинаа во напад врз медицински центар во Суми

Израелска армија: Го убивме лидерот на Хамас во Сирија