Лидерите на трите главни британски политички партии, конзервативната, лабуристичката и либералдемократската, Дејвид Камерон, Ед Милибанд и Ник Клег, почнаа во Шкотска силна кампања за „спас на Велика Британија“ откако последното испитување на јавното мислење покажува дека сепаратистите и унионистите водат „мртва трка“ пред референдумот за независност.
Тројцата лидери во Шкотска нема заеднички да настапуваат на средбите со гласачите, ниту за Единбург отпатуваа заедно, но премиерот Камерон и лидерот на опозицијата Милибанд се откажаа од учеството во денешната, редовна дебата во Долниот дом на британскиот Парламент, за да на осум денови пред референдумот, бидат меѓу Шкотланѓаните.
Лидерите на партиите кои имаат своја политичка база и во Шкотска, се согласуваа дека Велика Британија е подобра и посилна заедно, па нивната кампања е насочена кон уште посилна поддршка на активностите што со месеци ги водат активистите кои се против отцепувањето.
Камерон, Милибанд и Клег минатиот месец се огласија со заедничка декларацаија за проширување на овластувањата за шкотскиот Парламент, доколку сепаратистите бидат поразени на референдумот. Тие го прифатија и акциониот план на поранешниот британски премиер Гордон Браун за тоа работите на проширувањето на деволуцијата (префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург) да почнат веќе од 19 септември, еден ден по одржувањето на референдумот.
Првиот министер на Шкотска Алекс Салмонд, кој е лидер на сепаратистичката шкотска национална партија (СНП) изјави дека „доаѓањето на тројката од Лондон само ќе и помогне на кампањата за независност“ затоа што,според него.
Камерон, Милибанд и Клег се „најлошите досега политичари во Вестминстер“ кои имаат намала доверба меѓу шкотските гласачи.
Салмонд кој е креатор на политиката што треба да доведе до раскинување на 307 години старата унија меѓу Англија и Шкотска, го повика британскиот премиер Камерон, додека е во земјата, да прифати директен јавен дуел околу референдумот и независноста.