Британскиот премиер Дејвид Камерон ги повика Шкотланѓаните да не го напуштаат Обединетото кралство и да гласаат против независноста на Шкотска на референдумот кој ќе се одржи на 18 септември.
Во напис за весникот „Дејли мејл“, Камерон ја нарекува Велика Британија „посебна земја“, предупредувајќи дека нејзината иднина сега е во прашање.
– Нашиот сојуз е скапоцен, не го напуштајте, повика британскиот премиер.
Тој го потенцира заедничкото историско минато на Шкотска и другите делови на Обединетото кралство, ги истакна социјалните достигнувања на државата, пред се здравствениот систем, кој гарантира бесплатно лекување на сите граѓани, како и пензискиот систем.
– Благодарение на тоа целиот свет гледа на Велика Британија со почит и завист, додава Камерон.
– Никој во Шкотска да не се сомнева дека ние очајно сакаме вие да останете и не сакаме ова семејство на народи да биде распарчено на делови, повика британскиот премиер, кој денеска заминува за Шкотска со цел лично да ги убедува Шкотланѓаните да не гласаат за независност.