Под диригентство на македонскиот музичар Џијан Емин, легендарниот диџеј Дерик Меј на 27-ми овој месец ќе настапи со Фламанскиот симфониски оркестар во црквата Света Ана во Гент, Белгија.
Дерик Меј ќе биде придружуван од Маријана Николовска на челеста и Кристијан Каровски на пијано, кои се исто така дел од македонскиот тим.
Настапот го организира скопската продуцентска куќа „Излет мјузик“, а ќе биде во рамки на фестивалот „ОдеГанд“ кој се одржува 12-ти пат.
Фестивалот најавува џез, класична и музика на светот во изведба на национални и интернационални таленти. Настапите ќе се случуваат на различни оригинални локации во Гент.
На „ОдеГанд“ досега имаат настапувано врвни светски оркестри како Берлинската филхармонија, Концертгебау симфонискиот оркестар од Амстердам и солисти од калибарот на Јо Јо Ма, Ангела Георгиу… За светлото и видео дизајнот е задолжена светската реномирана компанија ARFYES која досега има работено на различни настани со имиња како Жан Мишел Жар, Карл Лагерфелд,…, како и на визуелизацијата на свадбениот чин на принцот од Монако.
Оркестарот со кој ќе диригира Џијан Емин има традиција повеќе од 50 години. Шеф диригент е извонредниот Јан Латхам – Коениг кој работел со многу светски оркестри меѓу кои Токио Метрополитан Оркестра, филхармонијата на Лос Анѓелес, филхармонискиот оркестар на радио Франција, а диригирал во Ковент Гарден, во Националната опера во Прага и работи како музички директор на Новата Опера во Москва.
Продуцентска куќа „Излет мјузик“ со која раководи Огнен Узуновски застана и зад настапот на Дерик Меј со Македонската филхармонија во Античкиот театар на 2 август во Охрид.