Драма во авион над Сплит: Пилотот ни рече дека за шест минути ќе се урнеме во Јадранско море

Од:

Во авион на француската компанија „Europe Airpost“, на чартер летот од Сплит кон Нантес избила невидена паника, откако пилотот им соопштил на патниците дека дошло до дефект на еден од моторите и дека наскоро ќе се урнат во водите на Јадранско море.

Како што пишува „Дејли меил“ патниците на Боингот 737 тврдат дека пилотот со тажен глас им рекол дека имаат шест минути до падот и им наредил да ги земат заштитните елеци.

Бењамин Гирард вели дека инцидентот се случил на 23-ти август и дека сите започнале да врескаат и да плачат од страв. Драмата завршила со принудно слетување на аеродром во Венеција, а од компанијата тврдат дека состојбата не била толку драматична.

Гирард кој патувал со сопругата и двете ќерки тврди дека веднаш по полетувањето започнале да се случуваат необични работи. Пилотот најавил турбуленција, а набргу потоа патниците од задниот дел од леталото започнале да зборуваат дека еден мотор престанал да работи.

-Таа приказна наскоро ја потврди и пилотот. Рече дека ќе мора принудно да слетаме во Венеција и се пошегува дека тоа е добра можност да го посетиме градот- вели Гирард.

Патниците не биле воодушевени од неговата шега, а паниката се зголемила дополнително откако им рекол да ги облечат заштитните елеци и да го отстранат од себе целиот накит.

-Рече дека ќе мора да не урне во водите на Јадран и дека е можно да дојде до експлозија. Сите бевме запрепастени, дури и вработените. Следниот пат кога ни се обрати, тој плачеше. Рече дека имаме само шест минути до падот, но дека не треба да креваме паника- тврди Гирард.

По неколку минутна драма, авионот успешно слетал на аеродромот Марко Поло во Венеција.

Во авиокомпанијата признаваат дека во авионот настанала паника, но инсистираат дека патниците не биле загрозени.

„На летот од Сплит кон Нантес имавме инцидент со моторот. Екипажот го откри проблемот и одлучи леталото да го спушти во Венеција, а за тоа ги информира патниците-наведуваат во компанијата.

Е. Г.

Би можело да ве интересира

Марин Ле Пен и 26 лица обвинети за финансиска измама која траела со години

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Ер Франс и Луфтханза ги прекинаа летовите кон Бејрут, Тел Авив и Техеран

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер