Џек Мевосек, серискиот убиец на пет проститутки од лондонската област Вајтчепел најверојатно бил Арон Космински, од полското гратче Клодава близу Лоѓ, пренесоа чешките медиуми повикувајќи се на полскиот вeсник ,,Факт”.
Кон откривањето на идентитетот на масовниот убиец, по 126 години помогнале траги од ДНК најдени на шамијата на четвртата жртва Кетрин Едовес, јави дописникот на МИА од Прага.
Шамијата била анализирана од експерт за изучување на генетски материјали и било откриено дека содржи ДНК на дваесет и тригодишниот Космински, што било утврдено со споредба на материјалот со негови роднини.
Космински уште пред 125 години бил еден од шесте осомничени, но не била докажана негова врска со убиствата. Космински бил фризер, кој во 1891 година поради неговата параноидна омраза кон жените и убиствени намери бил сместен во специјална установа, каде умрел на 54-годишна возраст.