Кралицата Елизабета останува неутрална во врска со референдумот за независност на Шкотска-соопшти денеска Бакингамската палата во Лондон.
Соопштението на службената резиденција на британскиот суверен доаѓа по низата написи во лондонските медиуми за тоа дека кралицата „изразила силна загриженост„ поради потенцијалната можност,по референдумот од 18 септември, да се растури Велика Британија.
Според британскиот Устав,монархот е целосно исклучен од политиката,која целосно им е препуштена на Парламентот и на владата,па ваквата реакција на Бакингамската палата околу сегашната политичка ситуација во земјата,поврзана со референдумот и со можноста Велика Британија да остане без еден нејзин дел,во Лондон се оценува како сосема разбирлива. Кралицата Елизабета која 62 години е на британсиот престол сите изминати години строго се придржува на уставните одредби за немешање во политиката на земјата,иако тоа не значи дека таа не е информирана за вкупните состојби.
Премиерот Дејвид Камерон,како и сите негови претходници,во повремени средби во Бакингамската палата ја информираат кралицата за најважните политички настани со кои се занимава британската влада.
Од тие средби никогаш не се дава соопштение,ниту јавноста се информира за позициите и мислењето на кралицата за определни политички состојби и прашања.
Кралицата летниот одмор, по традиција го поминува во кралската резиценција Белморал во Шкотска,каде повремено неколку денови доаѓа на одмор и британскиот премиер со својата сопруга.
Шкотските сепаратисти уште на почетокот од својата кампања за отцепување од Обединетото Кралство,најавуваа дека и како независна држава Шкотска ќе ја признава кралицата и како свој суверен.Тоа значи дека земјата како независна ќе стане британски доминион,по углед на статусот што го имаат Канада,Австралија или Нов Зеланд,но подоцна никој во Единбург,јавно,не ја повтори ваквата позиција.