Раководителот на кампањата „Заедно е подобро“ на референдумот за независност на Шкотска,Алистер Дарлинг потврди денеска дека разликата меѓу оние кои водат кампања за зачувување на единството на Велика Британија и сепаратистите кои заговараат отцепување,е многу мала.
– Точно е дека разликата е тесна и ситуацијата за нашата кампања е тешка.Од сега, па до референдумот ќе биде значаен гласот на секој Шкотланѓанец,но јас сум уверен во победата на кампањата против независноста,затоа што ние нудиме подобра визија за иднината на Шкотска, рече Дарлинг во разговор за радио Би-Би-Си.
Изјавата на Дарлинг кој е Шкотланѓанец и поранешен британски министер за финансии,доаѓа по соопштението на агенцијата за истражување на јавното мислење „Југав“ која вчера обелодени дека 51 отсто од шкотските гласачи се определени за независноста,додека 49 отсто од нив се за останување на Шкотска во Велика Британија.
Ова е првпат досега,една анкета да му даде предност на отцепувањето. Сите досегашни испитувања на расположението на гласачите покажуваа солидна предност на приврзаниците на зачувување на повеќе од 300 години старата унија меѓу Шкотска и Англија.
Засега не е познато што предизвика ваков пресврт во расположението на Шкотланѓаните,на само десет денови до референдумот за независност,но кампањата „Заедно е подобро“ најави интензивирање на нивните активности во уверувањето на гласачите против отцепувањето.
Актуелниот министер за финансии Џорџ Озборн потврди дека шкотскиот Парламенен ќе добие зголемени овластувања,во секторот на даночната политика и социјалните бенифиции,што сега ги нема според законот за деволуција од 1998 година,додколку гласачите го отфрлат отцепувањето.
Во кампањата ќе се вклучат и сегашни и поранешни лабуристички министри,како и поранешниот премиер Гордон Браун кој е британски пратеник од Шкотска и актуелниот лидер на партијата Ед Милибанд.
Нивните аргументи се дека независноста не е „патриотска игра„ и дека Шкотска и нејзините жители ќе се најдат во многу полоша ситуација,доколку се определат да ја напуштата Велика Британија.
Првиот министер на Шкотска Алекс Салмонд кој ги предводи сепаратистите ги означи сите ветувања на „политичарите од Лондон“ како обид за „поткуп на гласачите во последен момент“.
За пресвртот во расположените на Шкотланѓаните, независни набљудувачи ги обвинуваат главните британски партии во Вестминстер,поради нивниот „заспан однос“ кон референдумот и уверувањето дека победата на противниците на отцепувањето е сосема сигурна.
– Сега е сосема јасно дека исходот на референдумот од 18 септември е крајно неизвесен, предупредуваат тие набљудувачи.