Редиците граѓани кои чекаат за билет за Појадокот на мост покажува колку гладни и сиромашни се граѓаните на Скопје. Коце Трајановски и Никола Груевски треба да се замислат до каде ги доведоа своите сограѓани. Овие редици на гладни граѓани во Скопје се случуваат во услови кога градоначалникот Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ се луксузираат со астрономски износи од 18 милиони евра за Панорамско тркало и 10 милиони евра за луксузна зграда на ЈП Водовод, се вели во писмената реакција СДСМ.
Згора на сè, велат од најголемата опозициска партија, тоа се прави преку кредити и задолжувања не само на сегашните туку и идните генерации.
„Затоа денеска ќе го прашаме Коце Трајановски за логиката на ова безобразно поигрување со потребите на граѓаните. Или можеби тоа е логиката за задоволување на бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ пред основните потреби на скопјани? Наместо со раскош и луксуз Трајановски треба да се зафати со решавање на егзистенционалните проблеми на граѓаните на Скопје. Само така градоначалникот Трајановски ќе покаже дека има искрена желба да се грижи за илјадниците граѓани на Скопје кои не можат да си дозволат ниту достоинствен појадок“, нагласуваат од СДСМ.