Со комедија по текст на Братислав Димитров ќе почне работата на новиот Велешки театар

Од:

Новата сезона во новиот објект на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес свечено ќе биде отворена со комедијата „Најважната работа на светот“ по текст на Братислав Димитров.

Со претставата по тој текст, која ќе биде изведена на крајот на октомври, најдоцна до средината на ноември, ќе почне работата на новиот театар. Театарската зграда беше свечено пуштена во употреба во јуни.

Текстот на Димитров е избран од комисија по распишаниот конкурс, во состав: Васил Зафирче (претседател) и Петар Темелковски, Зоран Љутков, Ненад Витанов и Александар Ѓорѓиев (членови).

Во одлуката на жирито е образложено дека текстот е „актуелен на темата, потресен и длабок во пораката, жанровски автентичен и непретенциозен, занаестки чист и  стегнат во драматургијата, со јасно изградени ликови  и прецизни драмски ситуации на брзи заплети и расплети, со мајсторски изведен драмски пресврт на крајот на пиесата, во адекватен сооднос со продукциските, техничките и кадровските потенцијали на театарот“.

– Овој драмски текст  нуди одлична можност за создавање квалитетна драмска претстава во жанрот на комедијата, која ги следи курентните потреби на современиот гледач, но и историската специфика и фах на тетарот во Велес за негување на жанрот  на комедијата на својот репертоар и создавање  квалитетни комедии кои несомнено долго живеат на сцената, стои во образложението на одлуката, која денеска во велешкиот театар ја прочита заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.

veleshkiTeatar1

Тој истакна дека текстот на Димитров е избран како еден од најдобрите и најквалитетни драмски текстови пристигнати на конкурсот. Подвлече и дека Министерството  одлучило за првата премиера  во новиот театар во Велес  да биде избран македонски автор со македонски текст.

– Заложба на Министерството за култура е потикнување на домашните драмски автори за пишување добри драмски текстови, кои ќе се изведат на македонските театарски сцени, изјави Недељковиќ.

Жирито на пресот соопшти дека сега се во преговори за избор на режисер на претставата, потоа  ќе се избираат актерите и целата екипа, по што ќе почнат  подготовките за премиерата.

На конкурсот  пристигнале 30 драмски текстови под шифри. Според пропозициите, наградата за Димитров е 500.000 денари.  Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе ги има сите права над претставата во наредните пет години. 

Би можело да ве интересира

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Џенкинс: Да ги надминеме традиционалните сценски простори, да се вклучиме во заедниците

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он