Марина Силва, родена во Амазонија, заштитничка на природата без компромис е најголем ривал на Дилма Русеф, на изборите на 5 октомври.
Кормилото на Бразил ќе остане во женски раце по претседателските избори во октомври, Прашање е само дали на чело на најголемата латиноамериканска економска сила ќе остане сегашната претседателка Дилма Русеф или местото ќе го преземе црната активистка од Амазонија Марина Силва.
Две жени, двете со изразена левичарска биографија, речиси триесет години заедно се бореле за правата на сиромашните во Работничката партија. Свето политичко искуство и убедувањата, двете го зацврстувале во работничкото синдикално движење, од каде е и Лула де Силва, поранешниот претседател на Бразил (2003-2011). Но, кога Лула дошол на власт и ја поставил Дилма Русеф за министерка за енергетија, додека на Марина Силва го доделил министерството за екологија, дошло до спорови и разидување.
За пет години, колку што Марина Силва останала во владата на Лула, темпото на уништување на амазонските шуми се намалило за 60 отсто. Но, Марина Силва се судирала со моќно лоби од индустријалци и латифундисти. Се замерила и со тогашната министерка за енергетика, денешната претседателка Дилма Русеф. Пред 6 години ја напуштила и владата и Работничката партија и се зачленила во малата Зелена партија, од каде влегла во претседателска трка. На општо изненадување, успеала да добие 20 милиони гласови, така Дилма Русеф за првиот претседателски мандат морала да се бори во вториот круг.
Кандидатурата на овогодишните претседателски избори ја добила под необичен сплет на околности. Се зачленила во Социјалистичката партија на чие чело бил Едуардо Кампос, претседателски кандидат и главен ривал на Дилма Русеф. Кампосовиот авион се срушил на 13 август, а само судбината сакала Марина Силва во последен момент да не појде со него на предизборен митинг. Социјалистите потоа за претседателските избори ја кандидирале Марина Силва. Со Дилма Русеф таа ќе се трка по втор пат.
Популарноста на Русеф и понатаму е голема, наспроти големите долготрајни демонстрации поради изградбата на прескапите стадиони за светското фудбалско првенство. Сегашната претседателка во овој момент ја поддржуваат 38 отсто Бразилци, но и замеруваат што во Работничката партија се уште не ги расчистиле корупциските афери.
Марина Силва сега ја поддржуваат 21 отсто од гласачите, но се предвидува дека таа поддршка ќе почне брзо да расте и дека таа може да го загрози вториот мандат на Дилма. Загинатиот Кампос имал само нешто над 10 отсто поддршка.
Своето животно мото Силва го презела од евангелистичката црква, на која и припаѓа. Таа ветува дека е мирна како гулабица, но итра како змија.
Народот ја сака поради нејзината непоткупливост, интелектуалците ја обожуваат поради упорната борба за зачувување на Амазонија, жестокото противење на генетски модифицираното семе и хидроелектраните во најголемите шуми на планетата. Потекнува од многу сиромашно семејство, собирачи на каучук. Растела со 9 браќа и сестри. Дури на 16 години, кога била вклучена во програмата за описменување, научила да чита и пишува, а подоцна завршила и факултет.
Нејзината доктрина, дека одржлив развој може да се постигне само ако строго се води сметка за зачувување на природата, и донело многу меѓународни признанија. Списанието Форин аферс ја сврстува меѓу 50 најголеми мислители.
Ако успее да ја победи Дилма Русеф, ќе биде прва црна жена на чело на Бразил. И во таа смисла јужноамериканскиот гигант може да стекне предност над САД. Америка се уште немала жена, а Бразил црн претседател.
Политика – Белград