ЕУ во следните неколку месеци на Украина може да и додели нова транша од милијарда евра од ветениот заем од 11 милијарди евра и може да размисли за дополнителна финансиска помош за земјата, изјави претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, цитиран од британските медиуми.
Во март ЕУ одлучи на Украина да и додели 11 милијарди евра под форма на заеми и субвенции за идните неколку години. Со овие средства ЕУ ќе ја помага урнисаната украинска економија.
Програмата за помош на Украина со 11 милијарди евра е со рок до 2020 година, посочува ИТАР-ТАСС.
Украина досега веќе прими над милијарда евра под форма на заеми и 2,5 милиони евра под форма на субвенции, потсетија британските медиуми.
Баросо појасни дека одлуката за следната транша од милијарда евра за Украина и за евентуална нова помош ќе биде донесена по прифаќањето на соодветните решенија во ММФ, кој допрва ќе треба да ја направи новата проценка за состојбата на украинската економија, пренесе ИТАР-ТАСС.