Властите во Кипар го продолжија денеска крајниот рок за поднесување необврзувачки понуди за купување на кипарскиот национален авиопревозник Сајпрус ерверјз до 3 септември.
Меѓу компаниите што пројавија интерес се ирската Рајанер како и грчката Ејџиан ерлајнс.
– Министерството сака да им даде на сите кандидати можност да поднесат такви понуди, изјави извор од кипарското Министерство за комуникации.
Од Рајанер минатата недела имаа средба со претставници од кипарските власти, а во јули за купување на кипарскиот авиопревозник имаше интерес од над 10 компании.
Компанијата има шест авиони Ербас А320 и годишно опслужува над 1.3 милиони патници. Деведесет и четири отсто од компанијата се во сопственост на Владата на Кипар.