Берово очекува рекорден број гости за утрешниот празник Голема Богородица

Од:

За претстојниот верски општински и државен празник Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица) денеска и во наредните два дена во Берово се одвиваат голем број културни настани и економски манифестации.

Општинското раководство, претставниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на бизнис-секторот утре очекуваат рекорден број гости. Тие ќе учествуваат на традиционалниот „Етно плоштад фестивал“ и на саемот на еколошки и традиционални производи на кои се изложуваат повеќе видови традиционална храна, ракотворби, сувенири и уметнички дела.

Градоначалникот на Берово Драги Наџински информираше дека на фестивалската сцена со традиционален фолклор ќе настапат неколку ансамбли, фолклорни групи и инструменталисти од Македонија и од соседните Србија и Бугарија.

Домашните и странските гости со особено внимание го очекуваат настапот на Андријана Јаневска и „Митан проект“ и „Љубојна брас фантази“.  Предвиден е настап и на тамбурашкиот оркестар при Домот на културата „Јане Сандански“, како и концерти на поп-пејачите  The Shtekica, Влатко Илиевски, Кристина Арнаудова и други.

За време на празничните денови ќе се одржува и традиционалната туристичко-стопанска манифестација. Според изјавите на неколкумина туристички работници, Берово и беровци со широко отворени врати на своите домови и срца ги очекуваат и традиционалните гости од дијаспората, што веќе направиле резервации во хотелите и во приватните сместувачки капацитети во градот и во туристичките центри на Беровско Езеро, Абланица , Бела вода, Кукута.

Би можело да ве интересира

Минусни температури во Берово, Попова Шапка под 24 сантиметри снег

Парична награда за првороденото дете во Берово во 2026 година

ЈСП со променет ред на сообраќај и работно време за празниците

Германските трговци очекуваат слаба продажба за време на празничната сезона

Утринава најстудено беше во Берово, а најтопло во Охрид

Ружински: Патот до Струмица е нашата главна врска со еден од најважните економски центри во регионот