Во рамки на проектот „Топол културен бран“, под покровителство на Министерството за култура, задутре во излетничкот место Скребатно кај Охрид ќе се одржи годинешната „Охридска софра“, осмислена како настан за презентација на традиционалните јадења и прехрамбени производи пред туристите во регионот.
Посетителите на настанот ќе можат да дегустираат различни видови сирења, домашен мед, градинарски продукти и охридски специјалитети подготвени од студентите на ФТУ Охрид, а во рамки на манифестацијата ќе се одржи и натпреварувачката „Ѓомлезијада“, на која оваа година за учество се пријавиле 24 мајстори за подготовка на тоа вкусно јадење од охридскиот крај.
На настанот ќе учествува градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој со водителката на емисијата „Вкусот на традицијата“, Адријана Алачки, ќе подготви познат охридски специјалитет што ќе можат да го пробаат присутните во Скребатно.
Според информациите од Општина Охрид, подготовката на храна ќе почне во 9 часот изутрина, по што следува дегустација на ѓомлезињата и оценување, односно доделување награди.
Оваа година, општина Охрид ќе ги откупи сите подготвени ѓомлезиња, а парите ќе бидат наменети за потребите на црковниот одбор од село Скребатно.
Организаторите најавуваат и интересна музичка програма со настап на познатата македонска етно група „Чалгија саунд систем“. За заинтересираните граѓани, организиран е бесплатен превоз од Лескоец до Скребатно во 9 и 10 часот, со враќање по завршувањето на манифестација.