На локацијата на поранешната сала на МЗТ Скопје во Општина Аеродром денеска беше пуштен во употреба нов спортски центар „Јане Сандански“. Инвестицијата во мултифункционалениот спортски комплекс во чиј состав е изграден и хотел „Русија“, изнесува 15 милиони евра, а ја реализира рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко преку јавно-приватно партнерство со Општина Аердором.
На пуштањето во употреба на централната сала со капацитет од 6.500 посетители и на хотелот присуствуваа премиерот Никола Груевски, инвеститорот Самсоненко, градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, генералниот менаџер на Спортскиот центар Надица Димовска и гереналниот менаџер на хотелот „Русија“ Дина Муцунска.
Според премиерот Груевски, инвестицијата од 15 милиони евра ќе отвори најмалку 50 работни места и има големо и повеќекратно значење.
– Два големи клуба од Скопје, РК „Вардар“ и КК МЗТ Скопје добиваат сопствен дом и арена во која ќе може да тренираат, да натпреваруваат и да ги продолжат добите резултати од минатото. Младите кои се дел од овие кулубови, но и сите деца, млади и постари кои ќе го посетуваат овој спортски комплекс, професиоално или рекретивно добија исклучително модерен објект во кој ќе биде задоволство да се игра и да се спортува. Љубителите на спортот и навивачките групи добија нова и модерна сала со нова и и поинаква атмосфера да се навива и да ги бодрат милениците. Од безбедносен аспект оваа сала е најмодерната во Македонија, рече Груевски.
Новата сала, истакна, е уште еден успешен проект за Општона Аеродром, а Скопје доби капитален проект кој го подбрува имиџот на градот како потенцијален домашин на многу европски и светски збиднувања.
Рускиот инвеститор потенцираше дека добил поддршка и наишол на одлична соработка од општинските власти и службеници и надлежните министерства за изградбата на објектот. – Овој објект го направивме сите заедно. Во процесот на изградба на Спортскиот центар учествуваа над 60 македонски компании, пет странски од Русија, Србија и од Словенија. Ангажирани беа околу 1.600 работници, наведе Самсоненко.
Најдовме, посочи, вистинското име за спортскиот центар и за хотелот, Јане Сандански како истакнат македонски револуционер и Русија како негова татковина.
Покрај арената во СЦ „Јане сандански“ отворени се и помошна спортска сала за кошарка и ракомет со капацитет од 1.000 посетители, како и конгресен центар. Дел од комплексот треба да бидат и тениски игралишта, фитнес и аеробик центар.
Хотелот „Русија“ располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски апартман, шест „супериор“, 28 еднокреветни соби, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Хотелот ќе содржи спа центар и руф бар. Со неговата изградба, според премиерот, се дава дополнителна вредност на целиот комплекс и се зголемува туристичката понуда на целиот објект.
СЦ „Јане Сандански“, укажа Груевски, е продолжение на инвестициите и активностите за развој на спортот во изминатиот период, меѓу кои изградбата на националната арена „Филип Втори“, СРЦ „Борис Трајковски“, на спортски сали и тениски игралишта, воведување награди за спортисте, основањето на Спортската академија…..