Последната среда во месецот градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и неговиот тим ги ислушаа проблемите на центарци и се обидоа да најдат решенија.
Особено беше укажана на небезбедноста и одронувањето на улицата „Славејко Арсов“. На фотографиите се гледа дека поради непланското градење и урбаната мафија кој претходните општински раководства ја аминуваа, потпорните зидови напукнуваат и се уриваат, а граѓаните се плашат дека прашање на ден е кога ќе почнат да се уриваат и зградите.
Узурпацијата на Водно веќе го зема својот данок.
Надлежните од општината укажаа дека под итно ќе започне изградбата на атмосферска одводна канализација, за да може водата да се собира во цевки, за да не се поткопува улицата.
Легализацијата, гласната музика од кафулињата, канализацијата се секојдневните проблеми кои ги тиштат граѓаните од овој дел на градот.
Тие се пожалија дека со години не им се решаваат проблемите со узурпација на просторот и со спорни легализации.
Поранешните раководители во општината на граѓаните им велеле дека се’ е можно, па дури и кога станувало збор за бесправни работи.
Посочија пример со хаосот направен со паркирањето – во зграда со осум спрата претходното раководство одобрило само четири паркинг места.
„Не можеме нормално да живееме и функционираме, а згора на се’ – овде ќе се гради и нова зграда“, се пожалија жителите.
Побараа помош и за случаи за денационализација, за која рекоа дека е чист криминал, но од градоначалникот и стручните служби им беше укажано да се обратат до Министерството за финансии, бидејќи општината тука нема никаква надлежност.
Општина Центар преку В.Д. командирот на ПС „Беко“ ќе интервенира на места каде што има „пијанчење, дрогирање“, за да можат децата, како и возрасните безбедно да се движат низ територијата на општината.
Две кафулиња на улицата „Ленинова“ на жителите им создаваат голем проблем. Велат – кујна имаат направено на скалите, а тестото за пиците се развлекува по земја.
„Дали има власт и за нив? Од агресивната и гласна музика немаме мир“, велат жителите од улица „Ленинова“.