Во Богданци е отворена изложба на стари филмски списанија и плакати од колекционерот Илија Тумбов.
Станува збор за несекојдневна изложба која сведочи за историјата на седмата уметност. Посетителите имаат можност да ги пролистаат изданијата на „Филмски журнал“, „Арена“, „Филмски свет“ издавани во периодот од 1957 се до средината на 80-тите години на минатиот век.
Застапени се и десетина изданија на „Кинотечен месечник“ од 1977 година, како и флаери постари од 50 години, кои дистрибутивните куќи ги користеле за промоција и реклама на филмовите. Станува збор за флаери од повеќе дистрибутивни куќи од цела поранешна Југославија, како „Македонија филм“ од Скопје, „Весна филм“ од Љубљана, „Кроација филм“ и „Кинематографи“ од Загреб, „Кинема“ од Сараево, „Зета филм“ од Титоград, „Звезда филм “ од Нови Сад, „Косово филм“ од Приштина, „Инекс филм“, „Авала филм“ и „Морава филм“ од Белград.
– Збирката ја собирав од 1957 години до 1990 година кога се распадна СФРЈ и со неа киноприкажувачката мрежа. Особено сум горд на целата моја колекција, но најдраги ми се филмските плакати од филмот „Сјај во тревата“ со Ворен Бити и Натали Вуд, како и постерот за филмот „Добро утро Виетнам“, со неодамна починатиот актер, Робин Вилијамс, изјави колекционерот Тумбов.
Изложбата се одржува во рамки на Богданското културно лети и ќе биде отворена до недела.