Во првите три месеци од годинава надвор од Косово инвестирани се над пет милиони евра, јави дописникот на МИА.
Според Централна банка на Косово косовските инвестиции заминале главно во Македонија и Албанија, а потоа во Германија, Швајцарија и Холандија и тоа во недвижен имот, но и во туризам и градежништво.
Косовските бизнимени велат дека соседните земји имаат поповолна фискална политика отколку Косово.
– Многу косовски бизнисмени капиталот го инвестираат во соседните земји, но и пошироко, дел заради поголем профит, други поради неповолните услови за бизнис во Косово поради што го избрале регионот, посебно Македонија и Албанија, каде има многу поволни услови за да се инвестира, наведува „Косова сот“.
Според Бесник Када, одговорен за односи со јавноста во Централна банка, косовските инвестиции надвор од земјата лани биле 17,9 милиони евра, додека во првите три месеци од годинава 5,2 милиони евра.
Тој додава дека статитиката за второто тримесечие не е подготвена.