Пред точно еден век и половина, на 22 август 1864 година, усвоена е Женевската конвенција за заштита на ранетите во војна, која ги постави темелите на современото хуманитарно право.
Тоа беше првата, во светски рамки забележана активност на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, основан во 1863 година.
Од 8 до 22 август 1864 година е одржан дипломатски собир во Женева, Швајцарија, под името Меѓународна конференција за неутрализирање на воените санитетски служби во копнените војски.
Дипломатите, кои претставувале 12 од вкупно 16 земји учесници, на 22 август 1864 година ја потпишале првата Женевска конвенција. Тоа го направиле претставниците на Франција, Швајцарија, Белгија, Баден, Данска, Хесен, Италија, Холандија, Шпанија, Португалија, Пруск и Виртемберг.
Со неа е договорена изработка на пишани правила со кои се заштитени жртвите од судири, обврска за давање помош без дискриминирање на ранети и болни припадници на вооружените сили, како и почитување на медицинскиот персонал, транспортните средства и опремата со знакот на Црвен крст.
Најзаслужен за основање на меѓународниот Црвен крст е швајцарскиот хуманист Анри Динан, на кого при усвојувањето на Конвенцијата посебно му помогнал генералот Гијом Анри Дифур.