Музичкиот дел на „Охридско лето“ завршува со концертот „Мелодија на Шенжен – кинеска вечер“

Од:

Со концертот „Мелодија на Шенжен – Кинеска вечер“ на Симфонискиот оркестар на Шенжен од Народна Република Кина вечер во предворјето на црквата „Света Софија“ ќе заврши музичкиот дел на годинашниот фестивал „Охридско лето“.

Концертот ќе го води еминентниот кинески диригент Лин Даје. На програмата се дела на Ванг Ксилин, Ванг Нинг, Чен Ганг/Хе Жанхао, Чајковски и Зографски.

Селекторот на музичкиот дел од Фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска, денеска на прес-конференција истакна дека секоја година од особено значење е изборот на уметникот или ансамблот што ќе настапи на завршниот концерт.

– Особено сме горди што оваа година музичката програма на фестивалот ќе ја затвори реномираниот симфониски оркестар на Шенжен, кој ќе настапи под диригентската палка на маестро Лин Даје. Концертот ќе биде во знакот на Кина и музиката на познати кинески композитори, како и ремек-делото на големиот руски композитор Чајковски – неговата 5-та симфонија, рече Јосифова-Неделковска.

Симфонискиот оркестар Шенжен ќе ја изведе и „Недовршена рапсодија“ од македонскиот композитор Томислав Зографски, со што се одбележува 80-годишнина од неговото раѓање.

– Секогаш сме горди што успеваме во реализација на идејата македонските дела да бидат изведени не само од нашите македонски изведувачи на фестивалот, туку и од странски уметници, посебно од еден ваков голем симфониски оркестар, изјави Јосифова-Неделковска.

Селекторката, која во 2012 година на покана на Министерството за култура на Кина беше претставник во 12-члената делегација од Југоисточна Европа, потенцираше дека ваквата соработка е последица на презентирањето на нашата култура токму во Кина.

Концерт-мајсторот Зоу Лонг објасни дека вечерашната изведба ќе биде концерт за виолина што наликува на кинеската опера.

– Вечерва ќе изведуваме една многу популарна кинеска музичка изведба, кинеска опера, љубовна приказна многу слична со приказната на Ромео и Јулија. Музиката е прекрасна популарна и очекувам сите да уживаат, рече Лонг.

Директорот на оркестарот, Чен Чаунгсонг, изрази почит кон македонскиот композитор Зографски. – Особено ми е драго што првпат од постоењето на оркестарот имаме можност да изведеме македонско дело, кое го подготвувавме со огромна љубов. Ова дело ќе биде вклучено и  во редовниот репертоар и ќе го изведуваме насекаде во светот каде што настапуваме, нагласи Чаунгсонг.

Со членовите на Оркестарот на прес-конференцијата присуствуваа и амбасадорот на Народна Република Кина во Македононија Вен Женшун и претставници од градот Шенжен, како и од администрацијата за култура, спорт и туризам на Шенжен, кои направија кратка презентација за градот.

Кјао Хонг, заменик-генерален директор на Агенцијата за култура, спорт и туризам, презентирајќи го 15-милионскиот град  Шенжен, која има чиста средина и силна економија, рече дека „Охридско лето“ е македонски бренд, кој дава можност за културна размена на бројни уметници од целиот свет.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма