Поради запоставувањето на албанскиот јазик, градоначалникот на општина Струга ќе ја бојкотира манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. Неговата реакција се однесува на промотивниот материјал кој беше разделен деновиве на македонски и на англиски јазик, пренесува Алсат-М телевизија.
-Струшките вечери на поезијата се важен културен настан. Се работи за меѓународен настан, но нема да дозволам да газат врз нашето достоинство луѓе кои имаат проблеми со нивниот идентитет, ние немаме такво нешто. Општина Струга, јас како градоначалник на оваа општина, ќе ги бојкотираме Струшките вечери на поезијата сè додека не се почитува употребата на албанскиот јазик. Несфатливо е да се зборуваат сите светски јазици, а од друга страна да се не почитува јазикот на мнозинството во градот, како што е албанскиот јазик, изјави Села.
Тој ги критикува ДУИ заради нивниот став околу албанскиот јазик
-Јас како локална власт бојкотирам, но чуден е ставот на ДУИ како дел од Владата од каде воопшто не видоа за потребно да дадат декларативна поддршка за ова прашање, имајќи предвид дека се дел од централната власт. Овие сервилни политики што ги користи ДУИ не служат за ништо, туку само за потчинување и потценување на Албанците, нешта кои им се случуваат секој ден, додава Села.
Според Села, неупотребувањето на албанскиот јазик на оваа манифестација која се одржува под покровителство на Министерството за култура, уште еднаш докажува дека употребата на албанскиот јазик во Македонија не е затворено прашање.