Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека Велика Британија нема одново да биде вмешана во уште една војна во Ирак.
Изјавата на Камерон е реакција на обвинувањата од опозиционите лабуристи за тоа дека британската влада има „прилично нејасна позиција“ во врска со најновата криза во Ирак.
Според британскиот премиер, владата има „сосема јасна позиција“ околу актуеланата ирачка криза која се сведува на тоа дека нема да испраќа војници во Ирак, како и дека главната цел е „зачувување на безбедноста на Британците“.
Камерон, сепак, одново посочи дека владата во Лондон ќе ги искористи сите други можности кои и стојат на располагање, вклучувајќи ја и воената надмоќност, за да се порази, како што рече, „монструозната“ исламистичка милитантна група Исламска држава (ИД).
Британското Министерство за одбрана соопшти дека Велика Британија од порано е просутна во Ирак, со своето воено воздухопловство, откривајќи дека авионите на РАФ за прислушување и комуникациско надгледување, летаат над ирачката територија.
Според податоците на ова министерство, британската Влада досега има издвоено 13 милиони фунти за помош на бегалците од редовите на Јазидите и ирачките христијани, кои бегаат пред офанизивата на сунитските џихадисти во Северен Ирак.
Во операцијата за помагање, се вклучени и борбените авиони на РАФ-„Торнадо“ транспортните „Херкулес“ хеликоптерите „Чинук“ како и шпиониските авиони.
Министерот за одбрана Мајкл Фалон престојуваше во британската воена база Акротори во Кипар и разговараше со посадите на РАФ кои се вклучени во операциите во Ирак.