Европската комисија денеска соопшти дека ќе испрати 125 милиони евра помош за земјоделските производители кои се загрозени од руското ембарго.
– Овие средства ќе бидат искористени за повлекување на овошје и зеленчук од европските пазари, со цел да се спречи намалување на цените – изјави портпаролот на ЕК, Роџер Вајт.
Одобрените финансии ќе бидат употребени за подмирување на 50 проценти од трошоците по повлекување на производството од пазарите.
Освен откупувањето на производите, кои бесплатно ќе се делат во детски градинки и хуманитарни организации, ЕК ја разгледува можноста да организира продажба на земјоделски стоки за индустриски цели.
Од помошта веројатно најмногу корист ќе имаат Полска, Литванија, Белгија и Холандија, кои се најголеми извозници на овошје и зеленчук за Русија.