Германските тајни служби прислушувале најмалку еден телефонски разговор на актуелниот американски државен секретар Џон Кери, тврди неделникот „Шпигел“ во својот утрешен број.
Според весникот, кој не наведува извори на ваквата информација, германските резузнавачи „случајно“ пресретанел разговор на Кери во 2013 година, во кој американскиот државен секретар преку сателитски телефон разговарал за кризата на Блискиот Исток.
Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и телевизиите НДР и ВДР денеска објавија дека агенти на германската државна безбедност снимале разговор и на претходничката на Кери, Хилари Клинтон, во времето кога таа беше државен секретар на САД.
Станува збор за разговор што Клинтон го водела во владиниот авион, наведуваат медиумите, без да прецизираат кога е снимен разговорот и над која територија се наоѓало леталото во моментот на прислушување.
Неименувани извори во германската Влада тврдат дека Клинтон била „случајно“ снимена и оти тоа немало какво било нејзино планирано шпионирање.
Според германските медиуми, ваквите откритија претставуваат тежок удар за официјален Берлин, имајќи предвид дека токму Германија беше еден од најгласните критичари на Вашингтон по избувнувањато на скандалот за глобалното шпиониерање од страна на американското разузнавање.
Германската Влада и Белата куќа засега одбија да ги коментираат ваквите новинарски написи.