На „Охридско лето“концерт на кларинетистите Петров и Ѓоревски

Од:

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со целевечерен концерт во катедралната црква „Света Софија“, со настап на тројца уметници, кларинетистите Сергеј Петров од Русија и нашиот Ристо Ѓоревски, во пијано придружба на Елена  Атанасовска – Ивановска.

Сергеј Петров е руски кларинетист кој веќе долги години активно учествува во музичкиот живот на Русија, но и надвор од него. Се образувал на руската музичка академија „Гнесин“, во класата на професорот И.П.Мозговенко. Во 2000 година започнува неговата богата творечка активност. Три години се наоѓа на местото солист на симфонискиот оркестар „Руска филхармонија“, работи и како водечки солист и концерт-мајстор на групата кларинети при оркестарот на Академскиот Бољшој театар на Русија, член е и солист во дувачкиот квинтет при „Бољшој театарот“, а истовремено активно ја гради и својата солистичка кариера. Соработувал со повеќе реномирани ансамбли и диригенти. Лауреат е на неколку натпревари, а има издадено и повеќе од 10 компакт-дискови на „Бољшој театар“. Активен е и на полето на педагошката дејност, работејќи како професор во Детското училиште за уметности „М. А. Балакирев“ во Москва.

Ристо Ѓоревски завршува додипломски и постдипломски студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Иван Кочаров. Активен е како солист и член на различни камерни состави и оркестри во Македонија и надвор од неа – Австрија, Албанија, Србија, Словенија, Бугарија, Русија, САД, Индонезија и др. Добитник е на неколку награди на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Во моментов е активен член на Скопскиот дувачки квинтет.

Елена Атанасовска-Ивановска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Борис Романов, со највисока оцена ЦУМ ЛАУДЕ. Во 2005 година ги завршува и постдипломските студии кај истиот професор, а во моментов во подготовка е и нејзината докторска дисертација. Добитник е на голем број државни и меѓународни награди, меѓу кои и наградата за најдобар студент од фондацијата „Франк Манинг“ во 2003 година. Редовно настапува во земјава, но и надвор од неа – во Грција, Србија, Шпанија, Португалија, САД и др. Работи како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

На програмата се дела од Менделсон, Пуланк, Оленчук, Ковач, Розенблат, Имери.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма