Меѓународната ИБ програма во двете скопски училишта ќе продолжи и во предметната настава

Од:

Меѓународната ИБ-програма која лани првпат беше воведена во одделенска настава (од прво до петто) во „Браќа Миладиновци“ во Аеродром и во „Св. Кирил и Методиј“ во Центар, од учебната 2014/2015 ќе продолжи и во предметната настава во овие две скопски основни училишта – од шесто до деветто одделение.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција соопшти дека имплементацијата ќе се прошири и во повисоките одделенија поради доброто искуство и резултати од   програмата и позитивните реакции на наставниците и на родителите на учениците.

Програмата позитивно беше оценета и од претседателката на Комисијата за образование и култура во Европскиот парламент, Дорис Пак, која во ноември минатата година ги посети училиштата и задоволно изјави дека тука се обучуваат деца за да станат добри граѓани на Европа.

Можностите на програмата во првата година од нејзиното воведување ги искористиле 519 ученици во двете училишта, а со нејзиното проширување ќе бидат опфатени околу 820.

– Со тоа целосно ќе го заокружиме нашето ветување за континуитет во спроведувањето на наставата по ИБ програма во овие две училишта, а не е исклучена и можноста, со оглед на интересот, во следниот период со оваа реформа да бидат опфатени и училишта од други општини во Република Македонија, за што ќе биде направена анализа и проценка на предусловите за имплементација на оваа образовна програма, рече Ристовски.

МОН и натаму ќе ги финансира сите трошоци за имплементација на ИБ програмата, така што за родителите и училиштата ќе нема дополнителни финансиски оптоварувања.

Образовната програма ИБ (International Baccalaureate) е меѓународно стандардизирана и ја имаат воведено 145 земји и над 3.500 училишта, најчесто приватни. Се спроведува во соработка со Меѓународната ИБ образовна фондација, основана во 1969 со седиште во Женева. Опфаќа три генерални програми: за одделенска настава (од 3 до 12 години), за предметна настава (од 11 до 16 години) и програма диплома (за ученици од 16 до 19 години).

Го надминува класичниот начин на предавање и е фокусирана кон стекнување суштинско знаење и вештини, преку поголема застапеност на интерактивна и практична настава.

Би можело да ве интересира

Донесовме одлука за етапно покачување на платите на наставниците во период од четири години, вели Јаневска

За следната учебна година ќе има учебници за секое дете, вели министерката Јаневска

Деканите на Сити Колеџ: Ние ги градиме идните лидери!

A1on

Трамп потпиша извршна наредба за распуштање на Министерството за образование

Јаневска објави: Нов закон за средно образование ќе има наскоро

Хајделберг факултетот се доближува до идните академски граѓани: Започна караван низ средните училишта во Македонија

A1on