Градоначалникот на Торонто, Роб Форд, соопшти дека добил закана за поставена бомба, во која се наведувало дека градската куќа ќе биде крената во воздух, доколку тој не поднесе оставка на функцијата во следните 24 часа.
Канадската полиција соопштија дека при претресот на зградата не е откриена експлозивна направа.
Форд се врати на работа на 30 јуни, по двата месеца престој во клиника за лекување од зависност од наркотици и алкохол. Минатата година тој призна дека пушел крек во состојба на пијанство.
Градоначалникот на канадскиот мегаполис вчера изјави дека не се консултирал со полицијата пред да ја информира јавноста за заканата, што била испратена по електронска пошта до неговиот брат, општинскиот советник Даг Форд.
Роб Форд на новинарите им прочита и покажа копија од напишаната закана на која имало повеќе печатни грешки.
Форд изјави дека ќе продолжат заседанијата на градскиот совет и работата на градската управа. Луѓето во зградата на градскиот совет не беа евакуирани.
Форд планира повторно да се кандидира за градоначалник на изборите закажани за 27 октомври.