Британската фармацевтска куќа „ГлаксоСмитКлајн“ во соработка со американски експерти, ќе работи на клиничко испитување на експериментална вакцина против смртоносниот вирус ебола, пренесуваат агенциите.
За сега нема докажан лек или вакцина за спречување на инфекцијата од ебола, а поради интензитетот на сегашната епидемија Светската здравствена организација ја прогласи ебола за меѓународен здравствен ризик. Експерименталната вакцина на ГСК веќе влеа надеж, поради резултатите во студиите на животни, а сега треба да започне првата фаза од тестирање на луѓе.
Портпаролката на компанијата изјави дека тестирањето ќе започне кон крајот на годинава, додека партнерот на ГСК од САД, американскиот Национален институт за алергија и инфективни болести НИАИД, соопшти дека тестирањето ќе започне на есен.
Факт е дека и доколку се работи забрзано и се започне со итни постапки, вакцината сепак нема да биде подготвена за поширока употреба пред 2015 година, ако и воопшто дејствува како што се надеваат експертите. Инаку епидемијата на ебола досега во западна Африка уби околу илјада лица, а постои опасност да продолжи да се шири.
Е. Г.