Земјоделците во Грција се исклучително вознемирени поради ембаргото на Русија за увоз на европски земјоделски продукти.
Весникот „Вима“ цитира претставници на земјоделски здруженија кои велат дека санкциите од Москва се сериозен удар за нив бидејќи на рускиот пазар се извезувале големи количества овошје и зеленчук од Грција.
Тие предупредуваат дека конкуренти од држави вон ЕУ веќе се обиделе да ја искористат ситуацијата и бараат дипломатска акција на Грција со Русија.
Весникот „Етнос“ наведува дека заради указот на Путин веќе била стопирана испораката на свежо грчко овошје и зеленчук за Русија. Како реакција на тоа, илјадници тони праски се во ладилници на здруженијата, а продажбата е исклучително намалена.
Како катастрофално се оквалификува и руското ембарго за увоз на компот и сок од праски. Претставници од таа гранка, алармираат дека на рускиот апзар се извезуваат околу 7.000 тони грчки конзерви со праски и околу 20.000 тони сок од праски за сума од околу 40 милиони евра.
Весникот „Катимерини“ цитира податоци од Евростат во кои се наведува дека извозот на грчко свежо овошје и зеленчук во Русија лани бил во вредност од 108 милиони евра. Тоа е 12,8 отсто (140 илјади тони) од целиот грчки извоз на земјоделски производи во светот.
ЕУ идната недела ќе организира средба на ниво на експерти за разгледување на штетите, нанесени од руската забрана за увоз на прехранбени производи, јави ИТАР-ТАСС.
По експертската средба е можно да биде свикана вонредна министерска средба на Советот на ЕУ, беше наведено по средбата на еврокомесарот за земјоделство Даријан Чолош и францускиот министер за земјоделство Стефан Ло Фол, соопшти Европската комисија.
– Средбата на експертско ниво ќе се одржи следната седмица. На неа детално ќе се анализира руската забрана, откако ќе се донесе одлука дали е неопходно да се свика вонредна седница на Советот на ЕУ, појаснија од ЕК.
ЕК треба да реши и уште еден проблем – дали да бидат обештетени европските земјоделци од фондовите на ЕУ поради руските санкции.
Според податоци на Евростат Русија учествува со десет проценти од целиот увоз на земјоделско производство на 28-те членки на ЕУ со вкупна вредност од 12 милијарди евра.