Мажот кој што беше осомничен дека го украл здравствениот картон на повредениот возач на Формула 1, Михаел Шумахер е пронајден обесен во келија во полициска станица, објави кантоналното државно обвинителство во Цирих.
Како што пренесуваат агенциите, лицето чие што име не се наведува, работело како менаџер во швајцарска хеликоптерска фирма „Рега“, која учествувала во транспортот на Шумахер од болницата во Гренобл до Лозана, откако Шумахер се разбуди од кома.
Францускиот дневен весник „Le Dauphine Libere” пренесе дека украдените податоци за здравствената состојба на седумкратниот победник во Формула 1, им биле понудени на европски медиуми за износ од 60.000 швајцарски франци, од интернет адреса која и припаѓа на циришка хеликоптерска фирма.
„Рега“ на 8-ми јули, поднела кривична пријава поради сомнеж за кражба на податоците, но тврди дека во тоа време немала докази дека некој од нејзините вработени бил вклучен во кражбата.
По истрагата на циришкото државно обвинителство во вторник осомничениот бил приведен во полиција, под обвинение за повреда на приватност на пациент и лекарска тајна.
Државниот обвинител изјави дека не постојат докази дека некој друг е вмешан во неговата смрт.
Е. Г.