Македонската академија на науките и уметностите од денеска до 20 август организира неколкудневна програма насловена „Научна и уметничка визита 2014“, која ќе се одржува во Куќата на Уранија во Охрид.
Програмата ќе почне со изложба „Основоположниците на МАНУ“ на академик Томе Серафимовски, која ќе ја отвори претседателот на Академијата Владо Камбовски.
Следната содржина е на 13 август, кога ќе бидат промовирани најновите книги на академик Блаже Ристовски: „Македонски работи – јазик, литература, историја, нација, држава“ и „Македонски литературни пројави од лозарството до другарството“. Нив ќе ги промовира академик Геогри Старделов.
На 15 август МАНУ ќе организира книжевна вечер посветена на академик Гане Тодоровски, за кого беседа ќе одржат академиците Георги Старделов и Луан Старова. На 19 август, пак, ќе биде одржана научна трибина „Перспективи на развојот на Република Македонија во посткризниот период“.
„Научната и уметничка визита 2014“ на МАНУ ќе заврши на 20 август со книжевна вечер посветена на турската поезија.