Германија, Франција и Велика Британија предлагаат да се обвнови мисија на Европската унија за помош на контролниот премин Рафах на границата меѓу Газа и Египет.
Според министрите за надворешни работи на трите држави, отворањето на границата со Египет ќе помогне во стабилизирање на палестинската енклава по едномесечната израелска офанзива, во која загинаа над 1.800 Палестинци.
Неименуван извор од Берлин соопшти дека шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер и неговите колеги од Париз и Лондон го поддржуваат отворањето на преминот Рафах, што претставува основен излез кон светот за 1,7-милионското население во Појасот Газа.
Европската мисија за помош на контролниот премин Рафах почна со работа во 2005 година со задача да го набљудува преминот во рамки на спогодбата постигната меѓу Израел и Палестинската автономна управа. Две години подоцна мисијата беше прекината, кога исламистичката организација Хамас ја стави Газа под своја целосна контрола.
Во изминатите години Египет повеќе пати ја затвораше границата со Газа, што значително ја усложнуваше ситуацијата за тамошното население заради израелската копнена и поморска блокада.
Во текот на денешниот, втор ден од тридневниот прекин на огнот во Газа, египетските посредници разговараат со израелските и палестинските преговарачи за постигнување трајно примирје.