Папата Франциско стана почесен граѓанин на албанскиот главен град Тирана, јави дописникот на МИА.
Едногласна одлука за тоа донесе Советот на Општина Тирана, кој исто така даде зелено светло и за реконструкција на тиранскиот плоштад „Мајка Тереза“ во Тирана, каде папата ќе биде пречекан на 21 септември.
По повод посетата на папата Франциско плоштадот „Мајка Тереза“ ќе биде целосно рекоструиран и уреден, вклучувајќи и хортикултурно, за што од државниот буџет се издвоени 600 милиони леки.
Досега многу често се зборуваше за отстранување на фонатаната и негово уредување, но се чини работите ги интензивира посетата на папата. Фонтаната ќе биде отстранета а местото наполнето со земја, со што се создава отворен плоштад за мисата која ќе ја одржи папата.
Папата ќе ја посети Тирана на покана на албанскиот премиер Еди Рама и на претставниците на Католичката црква во Албанија.
Папата Франциско е втор понтиф кој ја посетува Албанија. Прв на албанска земја стапна Папата Јован Павле Втори на 25 април 1993 година.