Овој месец полагање државна матура во т.н.августовски испитен рок и екстерно тестирање

Од:

Во текот на овој месец ќе се одржи полагањето на државната матура во таканаречениот августовски испитен рок. Можност да го заокружат целиот процес на средното образование ќе имаат 3.647 ученици од завршните години од средните училишта кои од оправдани причини не полагале државна матура во текот на јунскиот испитен рок и ученици кои не успеале да положат некој предмет во истиот рок.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, кој рече дека од оваа учебна година државната матура се полага според новиот концепт еден плус три, што значи дека матурантите полагаат три екстерни и еден интерен предмет.

– Термините за полагање на екстерните предмети во августовскиот испитен рок се: на 11 август кандидатите ќе полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, на 13 август ќе полагаат матурантите кои одбрале странски јазик односно англиски, француски и германски или руски јазик. На 14 август се полага математика, основно и напредно ниво, естетика и филофозија. На 16 август матурантите ќе полагаат хемија, физика, биологија, историја и бизнис, посочи Адеми.

Интерните предмети, нагласи министерот, матурантите ќе ги полагаат од 19 до 23 август, додека презентацијата и обраната на проектната задача ќе се спроведе од 19 до 22 август.

Потенцира дека државната матура ќе се спроведе во 21 училиште во целата држава, распоредот на учениците во кое училиште ќе полагаат ќе биде објавен утре на веб страната на Државниот испитен центар matura.gov.mk, а како и во јунскиот, така и во августовскиот испитен рок сите испити почнуваат во 10 часот.

– Прелиминарните резултати од државната матура ќе бидат достапни најдоцна 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит. Учениците кои нема да бидат задоволни од добиената оценка по некој предмет имаат право на приговор кој треба да се достави до училиштето. По завршување на процесот на приговори ќе бидат објавени конечните резултати од државната матура од августовскиот испитен рок, рече Адеми.

Екстерното тестирање, укажа министерот, ќе се одржи на 14, 15 и 18 август, а ќе полагаат 2.685 ученици по еден или два предмети.

– Учениците ќе знаат три дена пред полагањето на кој предмет ќе бидат тестирани. Распоредите за екстерно тестирање ќе бидат објавени на веб страната prasanjaeksterno.dic.edu.mk, и на огласните табли во училиштата, истакна Адеми и на сите ученици кои ќе полагаат државна матура и ќе бидат екстерно тестирани им посака многу успех.

Тој појасни дека со последните измени и дополнувања на законите за основно и средно образование предвидено е дека на ученик кој не се  јавил на екстерното проверување на постигнувањата на успехот и тоа не го оправдал со медицинска белешка односно со потврда за учество на државен или меѓународен натпревар му се запишува оценката недоволен во сведителството која понатаму има влијание на општиот успех на ученикот.

Прецизирано е, како што посочи, дека извештајот со резултатите од спроведувањето на екстерното проверување на постигнувањата на успехот на учениците Државниот испитен центар го објавува на неговата веб страна и на веб страната на Министерството за образование и наука во втората недела на септември. Доколку во периодот кога се објавува извештајот се одржуваат претседателски, парламентарни или локални избори, тогаш тој ќе биде објавен првиот нареден ден по завршувањето на изборите.

– Што се однесува до извештајот со резултатите од спроведувањето на екстерното проверување на постигнувањата на успехот на учениците за учебната 2012/2013 година, Државниот испитен центар ќе ги објави на неговата и на веб страната на Министерството во рок од 10 дена од денот на стапување во сила на тој Закон, значи меѓу 11 и 21 август, нагласи Адеми.

За оваа ранг листа, посочи, нема да има казни и награди, туку само советодавни обуки за најлошо рангираните наставници, а предвидени се и глоби за сите одговорни лица во образовните институции и во државните органи доколку не постапуваат според одредбите на Законот.

– Имено, со глоба од 600 евра ќе се казнат одговорните, но исто така доколку директорот на основно или на средно училиште не носи одлуки за казнување односно награда на наставниците, ќе биде основ за разрешување од страна на градоначалникот, а доколку тој во рок од 15 дена не го разреши директорот тогаш тоа ќе го стори министерот за образование и наука во рок од 15 дена, додаде министерот Адеми.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците